Слично како општините Аеродром и Кисела Вода, и Центар најави дека самоиницијативно ќе почне да го собира натрупаното ѓубре во и околу контејнерите.
Поради штрајкот на дел од вработените вои ЈП „Комунална хигиена“, цело Скопје неколку дена се дави во ѓубре. Општината Центар е една од оние каде најмногу се чувствува неодложеното ѓубре.
„Обезбедени се 4 камиони за собирање смет и еден камион за подигање контејнери, како и целата механизација на ЈП 'ПОЦ' меѓу кои три метларки и цистерна за темелно миење на улиците. Рано наутро речиси сите хигиеничари заедно со цела механизација излегува на терен“, објави синоќа градоначалникот Горан Герасимовски.
„Уште еднаш апелирам Град Скопје итно да ги реши проблемите во јавното претпријатие и да започне со чистење на градот. Граѓаните не смее да бидат жртви на лошото управување во градот, ризикот по здравјето на граѓаните е огромен. Состојбата во Центар е алармантна!“, додаде тој.