Жителите на поголемите градови од Западен Балкан деновиве повторно се соочуваат со алармантно загаден воздух.
Според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од 90% од светското население живее во области каде загаденоста на воздухот ги надминува границите. Научниците долго време се сомневаа дека ПМ 2,5 (ситни честички во воздухот) предизвикуваат епигенетски промени во нашите клетки кои можат да го загрозат нашето здравје.
Како што почна периодот на загаден воздух, кој деновиве и тоа како се чувствува во Скопје, но и во други градови низ државава, жителите повторно ги вадат заштитните маски, но и не отвораат прозорци. Мерните станици поставени низ градовите покажуваат дека концентрацијата на штетни материи во воздухот, особено ПМ честичките, деновиве редовно ги надминуваат безбедносните граници за квалитет на воздухот препорачани од СЗО.
Токму поради таа причина, меѓународен тим научници во 2017 година изработи клиничко испитување со желба да открие како ефектот на изложеност на концентрација од загаден воздух во ПМ 2,5 може да биде ублажен преку дневно внесување на витамин Б, кој содржи 2,5 мг фолна киселина, 50 мг витамин Б6 и 1 мг витамин Б12.
Во истражувањето учествувале 10 волонтери кои прво биле изложени на чист воздух, а им бил даван плацебо за да ги измерат нивните основни реакции. Подоцна истите испитаници биле тестирани со големи дози на витамин Б и биле изложени на многу загаден воздух кој содржи високо ниво на ПМ 2,5.
Резултатите од истражувањето откриле дека четиринеделното изложување на суплементи од витаминот Б го ограничува ефектот на ПМ 2,5 помеѓу 28% и 78% на 10 генски локации. Истражувачите откриле дека слична редукција се случува и во митохондриската ДНК, деловите од клетките кои генерираат енергија.
Научниците, сепак, истакнуваат дека оваа студија има многу ограничувања, како на пример малиот број на испитаници, но и малкуте информации за количината на витамин Б која може да предизвика реакција, како и дека се потребни подетални истражувањеа и испитувања. Како и да е, резултатите од оваа студија се охрабрувачки и можеби го содржат клучот за намалување на штетните дејствија од загадениот воздух.