Доналд Трамп ги загуби претседателските избори во САД, а поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони има мислење зошто се случи тоа.
„Мислам дека тој беше поразен на овие избори поради неговиот став, многу често премногу агресивен, многу често премногу арогантен“, изјави Берлускони за телевизијата RAI.
Конзервативниот политичар исто така рече дека намерата што ја изрази новоизбраниот претседател Џо Бајден „да биде претседател на сите Американци“ може „да биде добра за сите нас“.
Може да се каже дека Берлускони (84) го трасираше патот за политичката кариера на Трамп. Пред скандалите што го обележаа неговото време на чело на италијанската влада, тој беше милијардер со недвижнини и медиумски магнат.
Трамп не го признава поразот
Вчеравечер Бајден го одржа победничкиот говор, а Трамп сè уште не го признава поразот. CNN вчера објави дека зетот Џеред Кушнер (сопругот на ќерка му Иванка) прв го убедувал да признае пораз, а потоа го убедувала и првата дама Меланија Трамп.
Бајден и Камала Харис одржаа победнички говори вчеравечер, повикувајќи на обединување на Соединетите Американски Држави.
Во меѓувреме, во Џорџија трае пребројувањето на гласовите до кое дојде поради малата разлика во гласовите меѓу кандидатите, а Северна Каролина треба да ги објави своите резултати во текот на неделата.