Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, се приклучи на ѕвездениот тим на репрезентација на Европа, која ќе се соочи со остатокот од Светот на петтото издание на Лејвер купот од 23 до 25 септември во лондонската „О2“ арена, соопштија денеска организаторите.

Така, за првпат во историјата во ист тим ќе се најдат Роџер Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, четворица играчи кои со своите натпревари на најголемите тениски турнири ги одбележаа последните 15 години.
„Ова е единственото натпреварување каде можам да играм во тимско опкружување со момците против кои обично се борам. Приклучувањето кон Рафа, Роџер и Енди, тројцата мои најголеми ривали, ќе биде навистина единствен момент во историјата на нашиот спорт“, рече Ѓоковиќ во официјалната изјава.
Надал (22), Ѓоковиќ (21) и Федерер (20) заедно освоија 63 Грен слем трофеи од 2003 година до денес, а само благодарение на Големата тројка Мареј не успеа да освои повеќе од 3 титули во своите 11 финалиња на четирите најголеми турнири.
Мареј ќе дебитира во европската репрезентација на Лејвер купот во Лондон, Надал треба да игра по трет пат, а Ѓоковиќ беше дел од тимот под водство на Швеѓанецот Бјерн Бориј во 2018 година. Роџер Федерер, кој е еден од основачите на ова натпреварување, го пропушти само минатогодишното издание поради повреда.
„Не можев ни да замислам дека во ист тим ќе ги имам овие четири икони на нашиот спорт. Знам дека и тие како и јас ја ценат важноста на овој момент и дека навистина ќе бидат мотивирани“, изјави селекторот на европската селекција Бјерн Борг, кој накнадно ќе одреди уште двајца тенисери.
Единствен кој учествуваше на сите четири претходни изданија е Германецот Александер Зверев, кој се опоравува од тешката повреда на скочниот зглоб од полуфиналната пресметка со Надал на Ролан Гарос, а прашање е дали ќе може да настапи во Лондон.
Селектор на Светот е Џон МекИнро, а на неговиот список во моментов има три имиња: Канаѓанецот Феликс Оже-Алјасим, Американецот Тејлор Фриц и Аргентинецот Диего Шварцман. За остатокот од Светот, Американецот Џон Иснер и Австралиецот Ник Кирјос играа во сите четири претходни изданија.
Европа води со 4:0. На првото издание на Лејвер купот во Прага во 2017 година беше 15:9. Во Чикаго во 2018 година резултатот беше 13:8, а најнеизвесно беше во 2019 година во Женева кога Европејците победија со 13:11. Минатата година во Бостон Европа победи со 14:1.
„Нашата цел е да победуваме секоја година. Со Рафа, Роџер, Енди и Новак во тимот, мислам дека нашите изгледи се доста добри“, изјави Бјерн Борг.
Во секој од трите дена се закажани три натпревари во сингл и еден натпревар во двојки. Победите на првиот ден носат по еден бод, вториот ден два, а третиот три бода. Првиот тим што ќе собере најмалку 13 поени го освојува Лејвер купот.