Израелскиот репрезентативец Омри Глазер од синоќа е нов рекордер во Лигата на шампионите рушејќи го рекордот на Фернандо Муслера по бројот на одбрани во еден натпревар.

Бункер играта на српскиот шампион Црвена звезда кај актуелниот европски шампион Манчестер Сити резултираше со многу работа за нивното голманско летно засилување - Израелецот Омри Глазер. Репрезентативецот на Израел запиша дури 13 одбрани на „Итихад“, со што го собори досегашниот рекорд на Фернандо Муслера. Уругвајскиот голман запиша 12 одбрани на натпреварот на неговиот Галатасарај против Реал Мадрид, кој се одигра на 22 октомври 2019 година и заврши 0:1.
Глазер бранеше феноменално во првото полувреме против Сити и беше еден од најзаслужните што Црвена звезда на пауза замина со водтсво од 1:0.
Но, одличните одбрани ги засени катастрофалната реакција во 60. минута кога топката по ударот откосо на Хулиан Алварес се обиде да ја боксува, но ја промаши и таа заврши во мрежата.
Сити на крајот славеше тешко извојувана победа од 3:1, а Глазер стана рекордер со 13 одбрани, од кои 10 беа одбрани на удари упатени од внатре во шестнаесетникот.
Омри Глазер ја засили Звезда за 1,2 милиони евра во летниот преоден рок доаѓајќи од Хапоел Бе'ер Шева. Дојде на препорака на израелскиот стратег Барак Бакхар, кој седи на клупата на српскиот тим од мај годинава. Глазер сега е прв голман на репрезентацијата на Израел за која има 9 натпревари. Дебитираше во 2017 и тоа во Скопје против Македонија кога Израел победи со 1:0 во квалификациите за Мундијалот 2018.