Here we go! Знаете што значи кога ова на социјалните мрежи ќе го објави Фабрицио Романо, најсигурниот извор од фудбалскиот пазар.

Тоа е знак дека работата е завршена, решена. Токму овој негов заштитен знак Романо го стави со статусот во кој напиша:
„Тиаго Мота го презема Јувентус. Договорот е постигнат и наскоро ќе биде објавен. Here we go, потврдено!" Романо додаде: „Мота ја информираше Болоња за неговата одлука да го напушти клубот по фантастичната сезона, како што се очекуваше. Мота ќе потпише за Јувентус до летото 2027 година“.
Истиот извор утринава објави дека Мота (41) ќе заработува нешто помалку од 5 милиони евра по сезона во Јувентус. Така, тој ќе биде половина поевтин од неговиот претходник Масимилијано Алегри. Мота е на коло пред крајот на Серија А со Болоња на сензационалното трето место, со исто бодови како четвртопласираниот Јувентус. Тој веќе го обезбеди првиот настап на Болоња во Лигата на шампионите.
🚨⚪️⚫️ Thiago Motta to Juventus, deal sealed and set to be announced soon — here we go, confirmed!
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) May 23, 2024
The manager has informed Bologna of his decision to leave the club after fantastic season, as expected.
Thiago will now sign as new Juventus head coach until June 2027. pic.twitter.com/bKgF099Rz4
Мота се прослави како дефанзивен играч за врска на Барселона, Интер и ПСЖ, со кои освои сè. Пред пет години тој ја започна својата тренерска кариера во младиот тим на парискиот клуб. Потоа се преселил во Италија, чие државјанство има иако е Бразилец. Без успех ја водеше Џенова, но затоа се истакна во Специја и особено во Болоња.
Првиот клуб, спротивно на сите прогнози, спаси испаѓање. Тој ја презеде Болоња во септември 2022 година од Синиша Михајловиќ и ја доведе до деветтото место на крајот со рекорден број на поени. Оваа сезона го постигна споменатиот историски успех.