Искусниот стратег Фабио Капело верува дека Марко Верати ќе бил играч на натпреварот доколку не беше голот на Мбапе во последната минута, како и дека Меси е тажен во Париз.

Голот на Килјан Мбапе во последната минута од судиското надополнување синоќа против Реал Мадрид го направи младиот Французин играч на натпреварот. Не само поради голот кој го одлучи победникот, туку и поради самиот начин на кој го постигна минувајќи измеѓу Едер Милитау и Лукас Васкес, за потоа низ нозете на Тибо Куртоа да ја затресе гостинската мрежа.
„Без Мбапе, кој беше апсолутен МВП, Верати ќе беше играч на натпреварот. Верати одигра одличен натпревар и доминираше на средината од теренот“, рече Капело за Sky Sport Italia.
Потоа ја коментираше и играта на Лионел Меси, кој освен што промаши пенал и имаше страшно лош обид од слободен удар, други ништо и не покажа.
„Невозможно е некој да помисли дека Меси се изгубил за шест месеци. Но, тој не успеа да направи ниту еден дриблинг. Мене ми делува прилично тажен“.