Највозрасниот грчки играч, Костас Папаниколау, тешко го поднесе синоќешниот пораз од Литванија и елиминацијата на неговата репрезентација од Светското првенство.
Литванија ја декласираше Грција со 92:67, иако Грците водеа по првото полувреме.
Капитенот Папаниколау беше без поени во 25 минути игра, шутираше 0/1 за два, 0/4 за три и поради слабата игра беше лут и тажен на крајот, најмногу на себе. Со солзи во очите тој даваше изјава за грчките медиуми.
„Ме боли што не му помогнав на тимот. Ова нема врска со другите момци… Сите имаат душа. Имам чувство дека не му дадов доволно на овој тим“, рече Папаниколау по мечот, видно тажен и расплакан.
„Тоа е нешто што сега многу ме боли, ме јаде. Но, што да правиме? Таков е животот. Да продолжиме понатаму, сѐ ќе биде добро“.
Грците со поразот од Ливанија ги загубија сите шанси за пласман во четвртфиналето како една од двете првопласирани селекции од групата.
Во последното коло за престиж ќе играат против Црна Гора.