Стратегот на Милан не е многу потресен од убедливо загубеното дерби и смета дека претходниот натпревар бил далеку полош на неговиот тим.
Вчера во Дербито дела Мадонина тимот на Интер прослави висока победа од 3:0 над градскиот ривал Милан и се одлепи на врвот кој до пред две кола цврсто го држеше токму Милан.
„Многу тешко нѐ погоди голот примен по само 5 минути игра. Потоа се мачевме да фатиме ритам, интензитет и оној квалитет на игра кој можеше да ни послужи за да ја рашириме играта и да отвориме простор. Нажалост, не успеавме да постигнеме гол кога бевме на врвот од нашата игра, а пак при вториот гол моравме порано да им ја прекинеме акцијата“, вели стратегот на „Росонерите“.
Голем проблем за Милан претставуваше и одличната тактичка поставеност од страна на Антонио Конте кој успеа тотално да го неутрализира Златан Ибрахимовиќ, најголемиот адут кај поразениот тим. Швеѓанецот имаше само еден обид за гол, но и тој од незиградена позиција.
„Златан малку пати се состави со топката. Еден шпиц зависи од играта на неговиот тим. Во првото полувреме речиси и да не создадовме шанса, нашата игра на овој натпревар не беше на нивото на кое треба да биде. По паузата создадовме повеќе шанси, но Хандановиќ секогаш беше на место“, смета Пиоли.
Неговиот тим е во криза со два пораза во серија и три на полседните пет натпревари. Го загуби првото место од кое сега го делат 4 бодови, а прв е токму ривалот Интер.
„Нашата сила цело време е во балансот и вербата во работата која ја вршиме. Ако пред една година или пред само три месеци некој ни речеше дека во овој дел од сезоната ќе бидеме на второто место, ќе скокавме од радост. Сепак, овој факт не смее да нѐ задоволи. Се наоѓаме во период во кој на три натпревари не успеавме на терен да го извадиме максимумот од тимот. Но, натпреварот кој тотално го погрешивме беше со Специја, не ова дерби. Мораме да се вратиме на ниво, имаме квалитет за да продолжиме да играме добро сѐ до крајот“, заврши тој.