Украина испрати војници за да ја обезбеди зоната Чернобил од можен упад на руските војници.

Се верува дека ова високо радиоактивно подрачје е потенцијална влезна точка за агресорите од Кремљ, под претпоставка дека еден од краците на воената интервенција би одел преку Белорусија.
Потсетуваме дека Русија и Белорусија во моментов одржуваат воени вежби од кои стравува Киев.
И покрај тоа што местото во северна Украина е сè уште радиоактивно, а таму нема жители, се верува дека зоната на исклучување во Чернобил е во опасност и дека Русите ќе се обидат да ја освојат во случај на инвазија. Имено, најкраткиот пат до Киев е преку таа зона, пишува New York Times.
За да се подготват за потенцијален руски упад во зоната на исклучување, која беше воспоставена по експлозијата на реакторот во 1986 година, украинските војници моментално патролираат по околните шуми и напуштените улици на Чернобил, опремени со калашникови и опрема за откривање на изложеност на радијација.
Потполковник Јуриј Шакрајчук од Украинската гранична стража вели:
„Не е важно што оваа територија е контаминирана или дека никој не живее овде. Тоа е наша територија, наша држава и треба да ја браниме.“
Украинските сили кои патролираат во областа мора да носат специјални уреди околу вратот за да проверат дали има радијација, а според протоколот, тие мора веднаш да отстапат од должност во случај да залутаат во високо озрачената област.
„Но, ниту еден од војниците досега не бил изложен на високи дози на радијација“, рече полковникот Сакрајчук.
Мисијата на ограничен број војници во таа област не е да ја одвратат руската инвазија, туку да бидат во извидница и да предупредат на можната опасност.
Полковникот Сакрајчук вели: „Собираме информации за ситуацијата долж границата“.
Дополнителни украински војници беа распределни во исклучената зона во Чернобил пред два месеци, откако руски војници беа распределени во Белорусија, чија граница е на околу седум километри од уништениот реактор.
Знаците на руско непријателство предизвикаа многу емотивни реакции кај оние кои се сеќаваат на заедничкиот одговор инициран од руските и украинските работници во 1986 година.
Иван Ковалчук, украински пожарникар кој го изгасна пожарот во електраната по катастрофата, рече: „Како е тоа можно? Па, работевме заедно за да ја елиминираме несреќата. Жал ми е за луѓето во Украина“, вели тој.
Зоната Чернобил, која зафаќа околу 1.300 квадратни километри, е најкратката рута од белоруската граница до Киев.
Сепак, поради мочурливото земјиште и густите шуми, Кремљ би можел да го прогласи овој пат за неповолен за пробив и покрај тоа што воздушната линија е пократка од другите насоки.
Во Чернобил сè уште живеат работници кои се менуваат во областа и одржуваат безбедносни уреди како што е заштитна структура што го опкружува реакторот.
Еден од работниците, Олексеј Пришепа за New York Times изјави: „Не знаеме што ќе нѐ убие прво - вирусот, радијацијата или војна“.
Истовремено, Пришепа рече дека е рамнодушен кон евентуалната загуба на таа контаминирана земја:
„Тоа е пустош. Овде никогаш нема да порасне род“.
Зоната на исклучување досега не беше чувана, додека настаните во регионот не ја принудија Украина да групира војници таму - прво, акумулацијата на руски војници, а потоа мигрантската криза во Белорусија во ноември, која се закануваше да се прелее во Украина и да предизвика немири.
Украина тогаш одговори со испраќање 7.500 дополнителни граничари на белоруската граница.
За февруари се планирани заеднички воени вежби меѓу Русија и Белорусија, што ѝ дава причина на Москва да испрати повеќе војници и опрема кај сојузникот на Кремљ и да го засили веќе присутниот страв од инвазија на Украина.