Бразил ја забележа највисоката температура во историјата на мерењата во оваа јужноамериканска земја, дури 44,8 степени Целзиусови. Во Бразил моментално трае неподнослив топлотен бран кој зафати големи делови од земјата.

Рекордот беше соборен во неделата во градот Арасуаи, во југоисточната бразилска држава Минас Жераис, соопштија официјални лица. Невидените горештини се припишуваат на феноменот Ел Нињо и климатските промени. Синоптичарите рекоа дека жештината веројатно ќе се намали оваа недела.
Официјални лица од Националниот институт за метеорологија (Инмет) соопштија дека температурите до 40°C ќе бидат забележани во трите главни градови на бразилските држави, објави CNN Brasil. Претходниот температурен рекорд беше 44,7°C и беше измерен во 2005 година.
Поради горештините, црвени предупредувања беа издадени низ земјава, еден месец пред почетокот на летото на јужната хемисфера.
Потрошувачката на енергија во Бразил се искачи на рекордно ниво бидејќи луѓето се обидуваат да се разладат со климатизери.