Јужноафриканските научници денеска соопштија дека сè уште нема видливи знаци дека омикрон варијантата предизвикува потешка болест.
Јужна Африка кон крајот на минатиот месец го предупреди светот за нова варијанта на коронавирусот, што го доби името омикрон, зголемувајќи го алармот дека многу мутираната варијанта може да предизвика нов раст на глобалните инфекции.
Податоците од болниците покажуваат дека бројот на лица примени со симптоми на COVID-19 сега нагло се зголемува во повеќе од половината од деветте провинции во земјата, но бројот на смртни случаи не се зголемува толку драматично. Индикаторите, како што е просечната должина на престој во болница, се охрабрувачки.
Иако научниците велат дека е потребно повеќе време за да се дојде до конечен заклучок, министерот за здравство Џо Фахла изјави дека знаците за сериозноста на болеста се добри.
-Иако расте бројот на хоспитализирани, прелиминарните податоци сугерираат дека тоа се должи единствено на поголемиот број на заразени лица, а не на тежината на болеста од варијантата омикрон, рече министерот Фахла.
Епидемијата сè уште не го достигнала пикот со повеќе од 26.000 дневни случаи, колку што беа регистрирани за време на третиот бран предизвикан од делта сојот.
Јужна Африка целосно вакцинира само околу 38 отсто од возрасното население, повеќе отколку во многу други африкански земји, но значително помалку од целта на владата на крајот на годината.