Аргентина ја победи Австралија во синоќешниот осминафинален натпревар на Светското првенство во Катар.

Средбата на стадионот „Ахмед бин Али“ заврши со резултат 2:1.
Головите за Аргентина ги постигнаа Лионел Меси (35. минута) и Хулијан Алварез (57. минута). Стрелец на единствениот гол за Австралија на овој натпревар беше играчот од средниот ред Крег Гудвин во 77. минута. Топката влета во голот откако се одби од Аргентинецот Енцо Фернандез.
Меси го одигра и 1.000-от меч во кариерата.
Во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, репрезентацијата на Аргентина ќе се сретне со Холандија, која претходно во текот на денот ги победи САД (3:1).
Натпреварот ќе се одигра на 9 декември во 20 часот.
Селекторот на Австралија: Договорот ми заврши, а јас мислам само на одмор
Селекторот на Австралија Греaм Арнолд по елиминацијата од Аргентина во осминафиналето на Светското првенство не ги кажа своите очекувања за евентуално продолжување на работата во репрезентацијата.
„Не размислував за мојата иднина. Договорот ми заврши, а јас мислам само на одмор. Работевме напорно, сега можеме да одмориме“, изјави Арнолд.

Ја истакна играта на Меси во триумфот на Аргентинците.
„Меси е неверојатен. Еден од најдобрите во историјата и вложивме многу труд да го неутрализираме, знаејќи за каков голем играч станува збор. Ја имав честа да играм со Диего Армандо Марадона и да се соочам со Меси како тренер. Аргентина треба да биде горда што има играчи од ваков калибар. Ние имавме добри шанси, но не можевме да ги искористиме. Австралискиот фудбал има голема иднина. Главната работа е дека поддршката не исчезнува и развојот на спортот не запира. Многу сум горд на моите играчи. Малку сме тажни што не можевме да постигнеме повеќе, но се надевам дека земјата е горда на своите играчи како и јас, додаде селекторот на Австралија во интервјуто за Reuters.