Борис Бекер, поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, објави колумна во Daily Mail во врска со проблемите кои српскиот ас ги доживеа обидувајќи се да го брани тронот на Австралија опен.
Германскиот стручњак пишуваше за случувањата во Австралија, со посебен осврт на отсуството на светскиот рекет број еден, кој беше депортиран од Мелбурн ден пред почетокот на турнирот.
„Неиграњето на Новак Ѓоковиќ на Австралија опен ја наруши динамиката на настаните, на ист начин како што неиграњето на Рафаел Надал го смени Ролан Гарос. Одеднаш играчите почнуваат да ги прилагодуваат своите соништа и очекувања, а тоа можеби го видовме преку неочекуваниот пораз од Александер Зверев, еден од фаворитите на турнирот. Надал е тој што може да има најголема корист од сѐ бидејќи е во четвртфиналето“, започна Бекер.
Тој смета дека Рафаел Надал и Ешли Барти се тие кои би можеле да го одбележат почетокот на сезоната.
„Освојување на уште еден слем за Надал и долгоочекуваната титула за Барти кај домаќините, каков финиш на турнирот би било тоа. Тоа навистина може да се случи. Кој мислеше пред еден месец дека Шпанецот може да биде пред Ѓоковиќ и Федерер со 21 титула?“, додаде Борис.
Потоа се осврна на Новак и проблемите со кои се соочува.
„Тоа е уште една причина зошто Новак е пред голема одлука. Без да ги ревидира старите аргументи, ќе ги одмери фактите за тоа дека сега на невакцинираните им е многу потешко да продолжат со нормален живот, а камоли да играат меѓународни турнири. Искрено, не знам што ќе избере“, додаде поранешниот број еден.
Борис додаде дека Надал бил импресивен во досегашниот дел од турнирот и дека најверојатно ќе има пречка во Медведев на патот до титулата, иако не исклучува изненадувања.
„Секако, Надал ќе има тежок предизвик од Медведев. Русинот сепак има слабост во тоа што може да го изнервира публиката и одредени реакции од трибините. Тоа се случи по натпреварот од 2. коло со Кирјос, и би сакал да му честитам на Џим Курие, кој го смири на теренот. Курие има искуство, поминал низ сѐ, тоа беше постар дечко како го пренесува искуството на помлад. И додека сè уште верувам дека би можеле да добиеме неочекуван победник во машкиот сингл, искуството ќе му помогне на Надал. Зверев направи голема грешка кога зборуваше за победата пред турнирот и како тоа ќе го придвижи на првото место. Тоа го скрши во поразот од Денис Шаповалов“, заклучи Бекер.