Луѓето со неверување гледале во животното кое излегло од пченките и застанало среде пат близу Суботица.

Во Чантавир, село до Суботица во Војводина, луѓето сѐ уште не можат да се соземат од она што го виделе. Лав излегол од полето со пченка, веднаш до патот. Возачите веднаш застанале на патот, излегле од автомобилите и со неверување погледнале во лавчето на сред пат, среде српските ораници.

„Нашиот сограѓанин Золтан утрово отишол на работа, а не ни помислувал дека ќе му се случи ситуација што не се случува секој ден. Додека се движел по патот за Чантавир, околу 10:20 часот забележал животно како го минува патот, а како што се приближувал забележал дека тоа не е животно како што гледаме во нашата околина. Испаднало младенче лав, женка, според првите проценки до 6 месеци, прилично исцрпена, не била агресивна... била 'кооперативна'“, пишува Subotica.com.

Набрзо застанале и други луѓе, па дошла и полиција. На крајот лавчето било преземено од вработени во Зоолошката градина Палиќ и пренесено во најблиската ветеринарна станица. Потоа привремено ќе биде сместено во Прифатилиштето за диви животни при Зоолошката градина Палиќ, една од четирите зоолошки градини во соседна Србија.
Никој не знае како младата лавица завршила во полињата во Србија. Сите зоолошки потврдија дека не им фали животно, па во игра е теоријата дела лавчето било чувано приватно. Српските медиуми јавуваат дека според неговата состојба, веројано неколку недели лутало по полињата.