Политичката партија Левица информираше дека минирањата на конзорциумот Бехтен и ЕНКА во Прилепско ја оштетиле црквата „Св. Димитрија“ изградена во далечната 1874 година.

„Во селото Ореовец (Прилепско) се наоѓа црквата 'Св. Димитрија', која е гробиштен храм изграден во 1874 година. Црквата претрпе огромни штети по вршењето на минирањето од страна на американско-турскиот конзорциум Бехтел и ЕНКА“, велат од Левица.

Од партијата која беше вистински хит на парламентарните избори на кој освои 6 пратеници и воедно парламентрарна група, велат дека штетата е настаната по минирањето во непосредна близина од страна на „преплатениот од народни пари конзорциум“, што предизвикало земјотреси чија последица се одразила и на овој објект.
Во оваа црква има фрески постари од 150 години - дел од нив изработени на дрво и кожа, кои освен што се од огромно значење за месното население, туку претставуваат и богато културно наследство за овој крај.

„Од потресите, оштетени и испукани се ѕидовите на црквата и ако се продолжи со минирање, голема е веројатноста да настанат штети од поголеми размери, што не ја исклучува можноста да се случи и нејзино целосно рушење. Покрај штетата на црквата, од минирањето загрозени се извори на вода од кои и денес се снабдува Прилеп со вода; оштетени се куќи во селото Ореовец; се крева прашина која поради струењето на воздухот и релјефот на теренот целосно паѓа во Прилеп и прилепските села и се уништуваат ендемични видови на животни“, велат од оваа партија.

Прилепчани десетина дена веќе како прават протесна блокада на патот кон село Ореовец и не дозволуваат машините и работниците да продолжат со минирање и ископување. Пратеникот од редовите на Левица, Сашко Јанчев, присуствуваше на протестите и даде поддршка на блокадата.
„Левица претходно го блокираше спроведувањето на договорот со Бехтел и ЕНКА со илјадници амандмани. Сега најавуваме дека нашите активисти се спремни веќе и физички на терен да ја поддржат борбата на граѓаните“, порачаа од левиот фронт.