Медиумските шпекулации за Случајот Тонали денеска добија официјална потврда. Поради нелегално обложување, Фудбалската федерација на Италија му изрече 10-месечна суспензија на фудбалерот на Њукасл, Сандро Тонали.
Тонали со своите адвокати признал дека се обложувал на натпревари на Милан на кои учествувал и самиот тој. Олеснителна околност е што секогаш се обложувал на победа на Милан.
Ова значи дека сезоната за Тонали е завршена, а исто така ќе го пропушти и ЕУРО 2024, доколку Италија избори пласман.
Ова ќе биде голем проблем за Њукасл, кој за Тонали потроши 64 милиони евра.
Случајот Тонали нема да заврши со оваа суспензија бидејќи Њукасл планира да поднесе тужба против Милан. Англичаните сметаат дека во Милан знаеле за проблемите со кои се соочувал Тонали.
Покрај Тонали, ФИГЦ претходно го суспендираше и фудбалерот на Јувентус, Николò Фаџоли, на 7 месеци, исто така поради обложување.