Иднината на аргентинскиот фудбалер Лионел Меси е неизвесна, а неговиот поранешен тренер Пеп Гуардиола верува дека Аргентинецот ќе направи сè за да се врати во Барселона.
Гуардиола за ESPN зборуваше за Меси и каталонскиот клуб и истакна дека е навивач на Барселона кој се надева дека еден ден навивачите „ќе можат да се простат од Меси како што заслужува“.
Актуелниот менаџер на Манчестер Сити додаде дека „Меси ќе го направи невозможното за да се врати во Барселона“, а со оглед на тоа дека договорот со ПСЖ му истекува на крајот од сезоната, Каталонците сакаат да го вратат во своите редови.
Пеп во едно интервју изјави дека Лео е „најдобриот играч на сите времиња“, и дека „Барселона експлодираше во последните 12 години, што немаше да биде возможно без Меси“.
„Овде не зборувам за бројките, туку за учеството во играта, убавината на неговата игра, неговата ефикасност, сè“, изјави Пеп.
Кога Меси ја напушти Барселона, тоа беше шок за клубот и навивачите.
„Никогаш не верував дека тоа ќе се случи. Уверен сум дека претседателот (на Барселона) Жоан Лапорта го сака Меси, а откако тој замина Лапорта зборува дека заслужува збогување бидејќи е толку важна личностѕ. Лео многу ѝ помогна на Барселона да стане многу поголем клуб. Кога еден човек е толку голем, тогаш треба да се збогувате на вистински начин. Тој си замина поради многу тешката финансиска ситуација, од многу причини во кои нема да навлегувам. Се надевам дека еден ден, кога ќе бидам на моето седиште ќе можам да станам и да аплаудирам и да се збогувам со Меси како што заслужува. Знам дека Лапорта и Меси ќе се обидат, дека тој и неговото семејство ќе ја добијат љубовта од навивачите на Барселона, како и благодарноста и почитта за сè што направи за клубот“, заклучи Гуардиола.