Прелиминарните податоци на новото истражување спроведено на Универзитетот во Оксфорд покажуваат дека вакцината против COVID-19 на AstraZeneca и Оксфорд е ефикасна против бразилската мутација или П1, изјави извор запознат со студијата.
Податоците укажуваат дека вакцината не треба да се менува за да се обезбеди заштита против таа мутација, за која се верува дека потекнува од бразилскиот град Манаус, изјави изворот кој сакал да остане анонимен, бидејќи резултатите сè уште не се официјално објавени.
Тој не наведува колку точно е ефикасноста на вакцината против таа мутација. Наводно, резултатите од студијата треба да бидат објавени наскоро, можеби овој месец.
Претставници на AstraZeneca и Оксфорд се уште не ги коментирале таквите наводи.
Бразил моментно се соочува со долготраен втор бран на коронавирус, а во средата е регистриран дневен рекорд од 1.910 смртни случаи од последици на COVID-19.
Варијантата П1 е меѓу факторите за кои епидемиолозите веруваат дека придонесуваат за зголемување на бројот на заразени случаи и починати, а во научната заедница постои загриженост за отпорноста на оваа мутација на вакцините.
Претходно беше објавено дека вакцината на AstraZeneca е веројатно помалку ефикасна против јужноафриканската мутација, која е слична на P1. Затоа Јужна Африка времено ја прекина вакцинацијата со оваа вакцина.