Меѓународниот борд на фудбалски асоцијации (ИФАБ) потврди дека покрај црвените и жолтите картони, најверојатно наскоро во фудбалот ќе дојдат и портокаловите картони кои носат привремена суспензија.
Имено, идејата за суспендирање на играчи поради тактички прекршоци, лош јазик и општо недолично однесување, беше дискутирана и поддржана од ова здружение на годишниот деловен состанок во Лондон.
Ова го потврди претседателот на Судискиот комитет на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, кој е во техничкиот комитет на ИФАБ, и рече дека предложените тестови ќе бидат вклучени и на професионално ниво.
Оваа промена на правилата и нејзино тестирање ќе биде препорачана во март на собранието на ИФАБ во Глазгов, а според информациите блиски до носителите на одлуки, најверојатно ќе биде одобрена.
Инаку, портокалов картон би значел исклучување од неколку минути, веројатно 10, по што казнетиот играч би се вратил во игра.
Интересно е што портокаловиот картон нема да го покажува главниот судија, туку ќе биде означен на електронската табла на четвртиот судија.
Според информациите кои доаѓаат од Лондон, тестирањето на новите правила би можело да започне во Премиер лигата веќе во сезоната 2024/2025.