Фудбалерите на Манчестер Сити синоќа ја победија Црвена звезда со 3:1 и комплетен пресврт во првото коло од Лигата на шампионите на УЕФА.

По првите 45 минути Звезда водеше со 1:0, но „Граѓаните“ постигнаа три гола во преостанатиот дел од натпреварот и триумфални го напуштија „Итихад“.
Сити доминираше во текот на целиот натпревар. Во првото полувреме упати дури 22 удара кон голот на гостите, но безуспешно, бидејќи помеѓу гостинските стативи се наоѓаше расположениот Омри Глазер.
„Да имаш толку многу удари може само да значи дека си играл добро. Тоа што не постигнавме гол е одговорност на напаѓачите. Да постигневме два гола во раната фаза од натпреварот, сѐ ќе беше сосема поинаку“, изјави по натпреварот тренерот на англискиот тим, Пеп Гуардиола.
Пеп потоа откри што им рекол на своите играчи за време на паузата на полувремето, што ги мотивирало да го направат пресвртот.
„Им реков: 'Момци, не можеме да кажеме дека играме лошо. Заборавете на резултатот. Можеме да направиме пресврт, ајде, само треба да бидете малку посмирени“, откри каталонскиот стратег.
Да потсетиме, Звезда поведе со голот на Ганецот Осман Букари во 45. минута, а Сити потоа победи благодарение на двата гола на Хулиан Алварес во 47. и 60. минута и оној на Родри во 73. минута.