Поминаа десет години откако популарната игрица „Grand Theft Auto V“ првпат се појави на конзолите PlayStation 3 и Xbox 360, а „Grand Theft Auto Online“ пристигна не многу подоцна.

Компанијата Rockstar Games им се заблагодари на фановите преку социјалната мрежа X и изјави дека тие „се причината поради која GTA уживаше успех на повеќе генерации конзоли“.
Минатата недела Rockstar објави нова содржина за „GTA Online“ за да ја одбележи годишнината, вклучувајќи нова облека, оружје со тема GTA V, дополнителни модови и нов автомобил Bravado Hotring Hellfire за членовите на GTA+, како и други ставки и бонуси за играње одредени мисии.
Како што е познато, „GTA V“ носи голем свет и забавна игра, а играчите ја доживуваат приказната од три различни перспективи во исто време.
Со текот на времето, игрицата доби различни подобрувања и се појави на поновите конзоли.
За жал, Rockstar не објави никакви информации за претстојната игрица „Grand Theft Auto VI“, иако уште минатата година беше потврдено дека е во развој. Освен огромното протекување, односно 90-минутната снимка од игрицата, нема нови информации. Неодамна, Rockstar објави дека се здружува со развивачите на модови Cfx.re за да обезбеди поддршка за ролплеј серверите.