Доколку постите и ви недостасуваат идеи за ручек, наш предлог се тиквички со зеленчук и варен ориз.
Сезоната на тиквички започна, а овој вкусен зеленчук можете да го подготвите на милион начини. Ви пренесуваме одличен рецепт за пржени тиквички со зеленчук послужени со ориз. Вака приготвени тиквички можете да јадете и за време на велигденскиот пост, а вкусот е фантастичен.
Потребни состојки:
- 1 тиквичка
- 1 чаша ориз
- 2 чаши вода
- 1 кромид
- 1 морков
- 1 жолта пиперка
- 5 печурки
- 3 домати
- 350 мл растителна павлака за готвење
- масло
- сол
Подготовка:
Исечете го стеблото од тиквичката и изрендајте ја на тенки ленти. Треба да изгледаат како шпагети. Ставете ги во сад и посолете ги, па оставете ги да се исцедат околу 10 минути. Добро процедете ги.
Потопете го оризот во вода и оставете го неколку минути. Процедете го оризот и додадете го во тавата во која сте сипале малку масло. Потоа истурете две чаши вода и измешајте. Покријте и варете околу 15 минути.
Во друга тава на малку масло пропржете ситно сечкан кромид, а кога ќе омекне додадете рендан морков, сечкана пиперка и печурките. Зачинете по желба и сè убаво измешајте, па пржете додека не омекне. Кон крајот додадете ги сечканите домати.
Во готовиот зеленчук додадете ги тиквичките, измешајте, па прелијте со павлаката за готвење. Оставете уште неколку минути на шпорет, па послужете со ориз.