Следната генерација на моделите на Peugeot ќе ги предводи потполно новиот 308 кој ќе стигне во автосалоните во 2022 година, а во понудата ќе има и моќен хибриден хечбек.
Кога се појави во 2014 година, актуелниот 308 со својот дизајн почна трансформација на целата понуда на Peugeot, а потоа стигна успешниот 3008 на кого му се придружија моделите 5008, 208 и 2008.
Следниот 308 повторно ќе има важна улога и ќе претставува почеток на една нова ера за Peugeot. Продажбата се очекува да почне по светската премиера што ќе биде на крајот на 2021 година.
Стратегијата на групацијата PSA досега беше да понуди модели базирани на платформата EMP2 и со плаг-ин хибридната технологија, додека помалите модели базирани на платформата CMP добија електрични верзии, секако покрај постоечките бензин и дизел верзии.
Новиот 308 ќе добие плаг-ин хибриден погон што го сочинува комбинација од 1,6-литарски бензински и електричен мотор, со погон на предната осовина.
Меѓутоа, се очекува и друг плаг-ин хибриден модел што го привлекува вниманието на автомобилските ентузијасти. Овој модел се очекува да добие дополнителен електричен мотор на задната осовина како 3008, па така 308-ката ќе има погон на сите четири тркала. Овој модел би развивал моќност од над 300 коњски сили, а би добил и спортска шасија и подновување на изгледот, со што ќе стане сериозен ривал на Volkswagen Golf R.
Оваа моќна 308-ка би стигнала под ознаката на подбрендот Peugeot Sport Engineered (PSE), која првпат ќе се појави на моделот 508 со високи перформанси, кој се очекува есенва. Ако 508 PSE се покаже успешен, истиот „рецепт“ ќе биде применет и на 3008 и другите модели, вклучувајќи го 308.
GTi ознаката нема да се користи за 308 и другите модели на Peugeot, освен за моделт 208.
Наредниот 308 ќе биде понуден како хечбек и караван со пет врати, но нема информации за враќање на моделот 308 CC кој го имаше во претходните генерации, што е резултат на недостигот на профит.
Можно е да видиме кросовер верзија на моделот 308, имајќи предвид дека Mercedes постигна успех со подобрената верзија на А-Class која ја носи ознаката GLA.