Веќе некое време е познато дека Instagram работи на апликација која треба да стане конкурент на Twitter, а сега се знае што можеме да очекуваме од оваа копија и кога ќе стане достапна за првите корисници.
Threads, како што Instagram го нарече новиот сервис, се појави на App Store, со 6 јули како очекуван датум за лансирање.
Како што компанијата ја опишува новата апликација, „Threads е место каде што заедниците се здружуваат за да разговараат за сè - од теми за кои се грижите до она што е во тренд. Што и да ве интересира, можете да следите или да се поврзете директно со вашите омилени креатори на содржини и други кои сакаат истите работи или изградите мрежа на свои лојални следбеници за да ги споделите вашите идеи, мислења и креативност со светот“.
Врз основа на скриншотовите објавени со апликацијата, корисниците ќе можат да го поврзат својот Instagram профил и да ги следат истите профили како на платформата за споделување фотографии. Ова значи дека корисниците ќе имаат круг на луѓе со кои ќе се следат од самиот почеток, што може да се покаже како предност во однос на Twitter.
Корисниците ќе можат да ја приспособат приватноста на своите објави, така што овие објави може да бидат видливи за сите, само за следбениците или само за луѓето споменати во нив. Под секоја објава има можност за лајкување, коментирање, споделување на сопствен профил и споделување на линк.
Останува да се види дали Threads ќе се покаже како успешен како јасна копија на платформата Twitter.
Се чини дека се лансира во вистински момент, бидејќи пред неколку дена сопственикот на Twitter Илон Маск го ограничи бројот на објави што корисниците можат да ги гледаат на неговата социјална мрежа дневно. Оние кои не плаќаат претплата можат да видат 600, а оние кои плаќаат 6.000 објави. Иако не звучи како мала бројка, корисниците известуваат дека им требаат само 10-15 минути скролање за 600 објави, по што оваа платформа им го блокира пристапот.
Да потсетиме дека првиот разговор помеѓу Илон Маск и Марк Закерберг, сопственик на Meta (под која спаѓа Instagram) започна кога сопственикот на Twitter ја коментираше веста за оваа апликација.