Мислите дека може да препознате кога некој изневерува? Без разлика дали некогаш сте изневериле или сте биле изневерени или не, сигурно сте слушнале за најчестите митови поврзани за неверството, како на пример, дека ако некој изневерил еднаш, ќе изневери пак.
Многу е полесно да се впери прстот во другите и да ги обвините дека ја изневериле вашата доверба. Понекогаш „правилата“ за ексклузивноста на врската не се јасно поставени само бидејќи никој не сакал јасно да го постави прашањето и да разграничи дали е тоа моногамна врска и до каде одат слободите на секој од партнерите.
Ова се најчестите такви митови и мислењата на психолозите со кои се разбиваат овие митови.
Луѓето кои изневеруваат ги има секакви, што значи дека не секогаш се негативците во врската како што најчесто се прикажуваат. Не мора да значи дека не може да се задоволат со еден партнер или дека сметаат дека ќе пропуштат некој подобар за нив на сметка на партнерот со кој се во моментот. Некои изневерувачи имаат длабоко всаден, несвесен саботирачки нагон да изневерат бидејќи сметаат дека не заслужуваат да бидат во среќна, стабилна врска, па ја поткопуваат врската во која се.
Здравите и среќни врски исто така се подложни на неверство колку и несреќните. Има многу мотиви и причини за неверство, како и видови на неверство, односно дали станува збор за еднократен чин или паралелна врска. Во секој случај, неверството не мора да е знак дека нешто не е во ред во врската меѓу двајцата партнери, туку може да станува збор за импулсивна одлука на еден од партнерите поради моменталната ситуација во која се наоѓа (губење работно место, смрт на близок човек, едноличен живот без возбуда...) Ова секако, не се оправдувања за неверството, но некогаш другиот партнер и неговото однесување не играле никаква улога во причината за неверството.
Дефиницијата за неверството не е црно-бела. Според некои психолози, неверство може да биде едноствното кршење на довербата и блискоста, без физички контакт со друго лице. Неверството е разочарување во другата личност, прекршување на взаемната доверба. Не може да му кажете некому дека не бил изневерен ако така се чувствува, иако партнерот немал физички контакт со другата личност. Партнерите во врската мора сами да си ги постават границите и да го дефинираат неверството.
Ако партнерот/партнерката имал љубовници во други врски или додека сте во врска заедно, не значи дека тоа ќе го направи пак. Повторно, причината и условите во кои се случило неверството се битен фактор во веројатноста за следно неверство. Исто така, можно е таа личност да се покае искрено за неверството и да го смени своето однесување. Ако партнерот иневерувал во претходната врска, не значи дека ќе ве изневери и вас. Тоа била сосема друга врска меѓу други двајца луѓе.
Луѓето со нагласен сексуален нагон честопати се мета на стереотип дека имаат неконтролирана желба за секс и ненаситен копнеж да спијат со што е можно повеќе партнери. Не мора да значи дека ако некој има изразена сексуална желба дека има потреба да ја задоволи со различни или повеќе партнери. Логично би било да се претпостави дека луѓето со силен сексуален нагон би барале партнери слични на нив, но тоа не мора да биде пресудно за здрава, моногамна врска.
Со години се сметаше дека мажите почесто изневеруваат од жените. Меѓутоа, истражувањата од изминатите две децении покажуваат дека овој родов јаз се намалува. Истражувачите од Универзитетот во Вашингтон открија дека стапката на неверство во периодот од 1991 до 2006 година се зголемила од 5 на 15 проценти кај постарите жени, во споредба со истата старосна група кај мажите каде стапката се зголемила од 20 на 28%.
Резултатите од истражување од 2011 година го намалија тој јаз уште повеќе: 19% од жените признале дека имаат изневерено, во споредба со 23% од мажите. Причината за ваквото покачување на стапката на неверство кај жените најверојатно е фактот дека исчезнува стигмата дека женското неверство е скандалозно.
Мислењето дека мажите имаат само сексуални потреби, а жените само емотивни е многу застарено. И мажите и жените може да имаат различно изразени сексуални и емотивни потреби во различни периоди од нивниот живот и врски, па и сексуалното и емотивното неверство може да им се случи и на едните и на другите.