Прашањето дали европските производители ќе успеат да лансираат електричен модел со прифатлива цена на својот пазар, пред кинеските конкуренти, засега останува неодговорено...
Откако на крајот на минатата недела беше објавено дека Volkswagen и Renault не постигнале договор за соработка за производство на евтино електрично возило, двете компании најверојатно ќе мора заедно да се вклучат во неговиот развој.
Соработката меѓу двата автомобилски гиганти првпат се слушна во декември, кога Renault го потврди почетокот на разговорите со Volkswagen, истакнувајќи дека тие сѐ уште се во многу рана фаза. И покрај тоа што двајцата производители на крајот не можеле да се договорат, извори блиски до разговорите, на кои се повикува агенцијата Reuters, тврдат дека биле блиску до остварување соработка на овој проект.
Информациите пристигнаа само неколку дена откако најголемиот кинески производител на електрични автомобили - BYD, ја потврди претходно објавената вест за изградба на својата прва фабрика за патнички автомобили во Сегед, Унгарија, каде што веќе произведува електрични автобуси.
Кинескиот производител најави и изградба на уште една фабрика во друга, засега неименувана, европска земја и крајна цел на неговата европска стратегија – до 2030 година да стане еден од најголемите производители на електрични автомобили на Стариот континент.
Двата европски производители беа во повеќемесечни преговори за проект чија цел беше да се намалат трошоците за заеднички развој на мало поволно електрично возило, но на крајот Volkswagen одлучи да се откаже од договорот, објави Reuters.
Проектот требаше да доведе до развој на мал нов електричен, наследник на Renault Twingo, кој дополнително ќе го развива самиот Renault. Автомобилот треба да биде пуштен во продажба во 2026 година, со почетна цена помала од 20.000 евра.
Извори на британската агенција наведуваат дека одлуката на Volkswagen да ја напушти преговарачката маса е поттикната од новиот план кој вклучува независно развивање на механичката основа за нов мал електричен автомобил. Затоа компанијата од Волфсбург реши да го смени ставот за време на разговорите.
Reuters објави дека Volkswagen би можел да ја објави својата нова одлука за плановите за електрични возила во следните неколку недели.
Што се однесува до потенцијално најжестоката конкуренција на пазарот, автомобилските медиуми пишуваат дека првиот европски модел на BYD би можел да биде Seal. Станува збор за најевтиниот модел на кинескиот производител чија почетна цена на кинескиот пазар е околу 9.000 евра.
Сѐ уште се очекува европската верзија на тој модел, а кога конечно ќе стигне на пазарот, се претпоставува дека би требало да чини помалку од 20.000 евра.
Прашањето дали европските производители ќе успеат да лансираат електричен модел со прифатлива цена на сопствениот пазар, пред тоа да го направат кинеските конкуренти (кои во меѓувреме би можеле да станат и европски производители) засега останува неодговорено...