Полицијата во Невада потврди дека издала налог за претрес оваа недела во врска со нерасчистеното убиство на раперот Тупак Шакур.
Детективи извршиле претрес во дом во Хендерсон, предградие на Лас Вегас, каде Шакур беше убиен во септември 1996 година.
Метрополитенската полиција на Лас Вегас не соопшти повеќе детали за потрагата, повикувајќи се на тековната истрага за неговото убиство.
Шакур имаше 25 години кога беше убиен.
Нема уапсени, ниту притворени лица во моментов.
Домот што беше претресен е на помалку од 32 километри од Лас Вегас Стрип каде што Шакур беше застрелан при пукање од автомобил во движење.
„Метрополитенската полиција на Лас Вегас може да потврди дека налогот за претрес бил издаден во Хендерсон, Невада на 17 јули 2023 година, како дел од тековната истрага за убиство на Тупак Шакур“, се вели во соопштението на полицијата во Лас Вегас.
„Во овој момент нема да имаме дополнителни коментари.“
Полковникот на полицијата во Лас Вегас Џејсон Јохансон изјави за Las Vegas Review Journal дека детективите уште еднаш работат на нерешениот случај.
„Тоа е случај кој остана нерешен и се надеваме дека еден ден ќе можеме да го промениме тоа“, рече тој за весникот.
Шакур, чие уметничко име беше стилизирано како 2Pac, го издаде својот деби албум во 1991 година и продолжи да ужива во успехот на топ листите со хитовите како California Love, All Eyez on Me, Changes и I Ain't Mad at Cha.
Тој почина на 13 септември 1996 година, една недела откако беше застрелан четири пати во неговиот автомобил додека чекаше на црвено светло.
Шакур, кој продаде повеќе од 75 милиони плочи ширум светот, беше примен во Куќата на славните на рокенролот во 2017 година.