Најискусниот ракометар во екипата на Пролет, Дејан Пецаковски, донесе одлука на крајот од оваа натпреварувачка сезона да му каже збогум на активното играње ракомет.
Поранешниот македонски репрезентативец настапуваше за бројни македонски клубови, како Пелистер, Металург, Вардар, Струмица, Еурофарм Работник, а во странство за тунискиот Африкан.
„Ние како клуб сме горди што тој од 2020 го носеше дресот на Тинекс Пролет, секогаш давајќи го максимумот за нашата екипа“.
Клубот од истоимената скопска населба му врачи благодарница на левиот бек за неговиот придонес во изминатите години, која му беше врачена од страна на претседателот Кадиевски и директорот Сашо Огњеновски на последниот тимски собир со кој беше заокружена оваа натпреварувачка сезона.
„На Дејан Пецаковски му посакуваме сѐ најдобро во иднина, со надеж дека патиштата би можеле наскоро повторно да ни се спојат“, додаде РК Пролет.
38-годишниот битолчанец има 32 натпревара и 38 голови за репрезентацијата на Македонија со која играше на Европското првенство 2014 во Данска, кога бевме 10-ти.