Пејачката Еден Голан, претставничка на Израел на Евровизија, синоќа на генералната проба за втората полуфинална вечер ја изведе својата песна „Hurricane“, но дел од публиката во салата го исвирка нејзиниот настап.
Израелскиот јавен сервис Kan издаде соопштение во кое се вели дека „Еден гордо излезе на сцената на генералната проба и приреди неверојатен настап“, пишува Times of Israel.
Да потсетиме, Еден Голан мораше да го промени текстот на нејзината песна за да може да учествува на натпреварот, а организаторите се загрижени за нејзината безбедност.
Нејзината песна првично беше наречена October Rain, но се сметаше дека текстот алудира на нападите на 7 октомври. Прекршувајќи ги правилата за политичка неутралност, Еден мораше да го промени текстот за да ѝ биде дозволено да се натпреварува.
Меѓутоа, проблемите продолжија и по промената на текстот.
Во Малме, каде што се одржува овогодинешната Евровизија, имаше пропалестински протести, кои ја загрозија безбедноста на Еден.
Затоа полицијата ѝ препорача на израелската претставничка да се држи подалеку од очите на јавноста освен за време на настапот, објави Euronews. Ја советувале да не ја напушта хотелската соба, за да не ја ризикува нејзината безбедност.
Еден се огласи со надеж дека ќе успее да ги обедини луѓето со својата музика.
„Дојдов овде да го покажам мојот глас, да ја споделам мојата љубов, мојот дар од Бога и со надеж да ги натерам луѓето да почувствуваат нешто и да оставам трага во нивните души и да се обединам со музиката“, изјави Голан за Reuters во понеделникот.
Организаторите исто така забранија истакнување на знамиња кои не се признати државни знамиња или знамиња на ЛГБТИ заедницата, што во превод значеше забрана на знамето и другите симболи на Палестина.